Гевгелија ќе добие нов, модерен и фунционален влез. Станува збор за реализација на 3 значајни инфраструктурни проекти кои го опфаќаат влезот во градот, за што градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, направи увид во градежните активности. По обезбедувањето техничка документација, започнаа изградбата на брзодинамичен кружен тек со современи сообраќајни решенија, дислокацијата на каналот „Рауљ“ и изградбата на нов мост до населеното место Мрзенци.
– Ова е еден од најзначајните инфраструктурни зафати во изминатите години. Станува збор за важна сообраќајна артерија, на којашто не се направени зафати повеќе од 50 години. Реконструкцијата на натпатникот со делот од булевар „Гевгелија“, како и овие три нови проекти, ќе имаат сериозен импакт во развојот на економијата, како и туристичките потенцијали на градот. Гевгелија мора да се развива како урбана и модерна заедница- потенцираше градоначалникот Сарамандов.




















