Во рамки на грограмата „Гевгелија град на култура за 2025“, на 27 септември 2025 година (сабота), со почеток во 20:00 часот, на сцената на Народниот театар во Гевгелија, јавноста ќе има можност да ја проследи Инклузивната танцова претстава „Пат околу светот за 80 минути“ во изведба на Студиото за танц „Еурека“ од Скопје.
Особеност на проектот е неговиот инклузивен карактер- на сцената заедно настапуваат танчери со и без попреченост, што создава силна порака за рамноправност, емпатија и вредноста на различностите во современото општество.
Претставата „Пат околу светот за 80 минути“ е копродукциски проект развиван со поддршка од повеќе организации и институции, а се реализира како дел од културната платформа која ја нагласува улогата на инклузивноста во културата. Претставата претставува динамично и енергично танцово патување кое ја спојува уметноста со силна општествена порака. Низ сценската приказна, неколку другарки обединети од љубовта кон танцот решаваат да тргнат на незаборавна авантура низ светот. Патот што го минуваат не е само географски- тој е и внатрешен, трансформативен процес преку кој растат како личности, откривајќи ја вредноста на секој мал чекор, секоја разлика и секоја средба со ново културно искуство.
„Пат околу светот за 80 минути“ не е само претстава- таа е порака дека танцот е универзален јазик кој ги поврзува луѓето, без разлика на возраста, полот, способностите или потеклото. Претставата ги поттикнува и изведувачите и публиката да го ценат и прифатат различното, како во себе, така и во другите. Инклузијата тука не е само прифаќање, туку откривање на нови светови и можности.
Посебна улога во претставата има музиката- внимателно одбрана и базирана на безвременски евергрини, кои носат дополнителна емоционална длабочина и овозможуваат полесно поврзување со темите на претставата.
Настанот е бесплатен и отворен за јавноста.
