Со поставувањето на новогодишната декорација, Гевгелија доби свечен и раскошен изглед кој ја најавува радоста зза претстојните празници. Светлечките украси, празничните инсталации и новогодишните мотиви го разубавија Градскиот плоштад, поширокото централно градско подрачје и влезот во Гевгелија, создавајќи пријатна и весела атмосфера за граѓаните од сите генерации.
Градскиот плоштад овие денови е исполнет со детски насмевки, семејни прошетки и моменти на заедништво, кои ја прават празничната магија уште почувствителна. Новогодишното украсување стана вистинска сцена за радост, дружење и создавање убави спомени, претворајќи го центарот на градот во омилено место за сите посетители.
Градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека празничното уредување има посебна улога во создавањето позитивна енергија и празничен дух во градот:
„Градот блесна во боите на празничната атмосфера која ги воодушевува сите генерации. Најубавата слика на Градскиот плоштад се детските насмевки и семејната радост што ја исполнуваат гевгелија со вистинска празнична магија.“
Во рамки на празничните активности, Општина Гевгелија го организира и „Новогодишниот базар“, кој ќе се одржи од 24 до 31 декември 2025 година, на Градскиот плоштад. Граѓаните и посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата програма исполнета со музика, детска забава и празнична атмосфера, како и во разновидна понуда од локални излагачи.
Програмата започнува на 24 декември, од 18:00 до 20:00 часот, со Дедо Мраз и Детскиот музички фестивал „Калинка 2025“. На 25 декември, во истиот термин, најмладите ќе можат да уживаат во Face painting активности. На 26 декември, од 18:00 до 19:00 часот, ќе настапи Танцовото студио „Мистик“, додека на 27 декември, од 17:00 до 19:00 часот, за музичката забава ќе се погрижат DJ Razal Vetalj и DJ Licen.
На 28 декември, од 17:00 до 18:00 часот, пред публиката ќе настапи Ансамблот „Бојмија“, а на 29 и 30 декември, од 18:00 до 19:00 часот, следува шоуто на Кристијан Бенито – аниматор за деца и жонглер. Програмата ќе заврши на 31 декември со празнична музика која ќе трае во текот на целиот ден.
Во текот на базарот, посетителите ќе можат да разгледуваат и да купуваат рачни изработки, локални производи и слатки празнични задоволства, поддржувајќи ги локалните креатори и производители.
Општина Гевгелија ги повикува сите граѓани и гости да се придружат и да го доживеат празничниот дух на „Новогодишниот базар“, уживајќи во магијата на декемвриските денови и заедничкото празнување на крајот од годината.




































