По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост- 3 Декември, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, ги прими на прием штитениците стручниот тим од Дневниот центар за деца со попреченост- Гевгелија. На средбата присуствуваа и директорката на ЈУМЦСР- Гевгелија, Кристина Биќанин и претставник на Одделението за социјална, здравствена, детска и други заштити, култура и спорт, Љубица Карајанова.
Стручниот тим од Центарот го запозна градоначалникот со тековните програми, реализираните активности и предизвиците со кои се соочуваат. Во разговорот беа истакнати и плановите за натамошно подобрување на условите и можностите за развој на децата.
Градоначалникот Сарамандов ја потенцираше важноста на ваквите средби, кои, како што рече, се потсетник дека инклузијата и поддршката се темел на вистинска заедница. Тој ја нагласи подготвеноста на општината да продолжи со унапредување на услугите за лицата со попреченост и зајакнување на институционалната соработка.
– Ме радува тоа што нашата континуирана поддршка во изминатите години го олеснува нивното секојдневно функционирање. Како општина, продолжуваме да бидеме партнер за нивните потреби и секојдневни активности- рече градоначалникот Сарамандов.
Градоначалникот им се заблагодари на децата и стручниот тим за посетата и пријатната средба, истакнувајќи дека општината и понатаму ќе вложува во политики што ја поттикнуваат еднаквоста, поддршката и интеграцијата во заедницата.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост продолжи со активност во организација на Здружението на лица со телесен инвалидитет Мобилност Гевгелија. По тој повод, беше одржана трибина на тема: „Инклузија наспроти ексклузија, сегрегација, дискриминација и нееднаквост на лицата со телесен инвалидитет“, на која присуствуваше претставникот од Општина Гевгелија, Љубица Карајанова. По завршувањето на трибината, на Општина Гевгелија ѝ беше доделена Благодарница за континуираниот придонес за афирмација и унапредување на активностите на Здружението „Мобилност“- Гевгелија.















