На 18 јули 2025 година, во просториите на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, се одржа завршната изложба на керамички сувенири изработени во рамки на десетдневната креативна работилница под менторство на уметничката Гордана Николоска Петрова- академска вајарка и музејски копист, позната по својата посветеност на културното наследство и современата уметност.
Изложбата, која претставуваше кулминација на процес исполнет со креативност, ангажираност и човечка поврзаност, привлече бројни посетители- учесници во проектот, нивните семејства, љубители на уметноста, претставници на институции, како и гевгеличани кои живеат и работат во странство и летово се на привремено доаѓање во родниот град. Меѓу нив имаше и такви кои лично учествуваа на самата работилница, збогатувајќи го проектот со своите искуства, идеи и љубов кон уметноста. Нивното учество претставуваше мост меѓу културните искуства од различни земји и локалната заедница, зближувајќи ги генерациите и зацврстувајќи ја врската со татковината.
Керамичката работилница се одвиваше од 7 до 17 јули 2025 година и беше поделена во две тематски фази. Првата беше посветена на инклузивна креативна работа со лица со попреченост- штитеници на Дневниот центар за лица со попреченост- Гевгелија и Центарот „Мајка Тереза“- Гевгелија. Преку уметничка интеракција, учесниците имаа можност да се изразат, да се дружат и да го доживеат чувството на припадност и заедничко творештво.
Втората фаза беше посветена на повозрасни учесници, вклучително и гевгеличани кои живеат во странство, а летово се вратија на одмор дома. Тие, преку креативна едукација, индивидуална и групна работа, се потсетија на вредноста на рачната изработка, на тишината што ја носи работата со глина, и на моќта на уметноста како облик на терапија, релаксација и себеспознавање. Секој учесник внесе дел од себе во создадените дела- низ форми, бои, текстури и лични приказни втиснати во глината.
Изложените дела се вистинско сведоштво за креативниот потенцијал на заедницата- од функционални предмети и декоративни фигури, до симболични креации што зборуваат за идентитет, култура и лични доживувања. Особено внимание привлекоа делата на лицата со попреченост, кои во своите креации внеле искреност, емотивна длабочина и посебен уметнички сензибилитет. Нивните дела не само што ја воодушевија публиката, туку и ја пренесоа пораката за еднаква вредност на секој уметнички глас, без оглед на личните предизвици.
Настанот е дел од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ и беше организиран од ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија. Преку оваа иницијатива, Домот уште еднаш потврди дека е културен центар отворен за сите- за млади и возрасни, за лица со различни способности, за локалното население и за нашите сограѓани од дијаспората.
Оваа креативна работилница и изложбата која ја заокружи, не само што дадоа простор за уметнички израз и дружење туку и претставуваат и симбол на заедништво, на поврзување меѓу култури и генерации, и на континуитет на љубовта кон уметноста- без разлика каде живееме или каде се враќаме. Гевгелија уште еднаш покажа дека знае како да ги пречека своите луѓе и како да создаде простор за заедничко творење и раст.





























