Во завршна фаза се изведбените работи за доградба на ЈОУДГ „Сончогледи“- Гевгелија. Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, ја посетија ЈОУДГ „Сончогледи“- Гевгелија и заедно со директорката Митра Mитревска извршија увид во завршните градежни активности. Како што истакна градоначалникот Сарамандов, во моментот тече партерното уредување на надворешниот дел, а во наредниот период ќе започне и внатрешното опремување на просториите. Предвидено е за време на летото, во 2025 година, да бидат отворени вратите за нови 130 дечиња во оваа градинка.
– „Како родител и како човек, свесен сум за значењето на сигурна и поттикнувачка средина за децата. Горд сум што успеавме да го откочиме процесот на доизградба на објекти кои со години беа во застој. Денес, секој проект што носи подобар живот за граѓаните е наш приоритет“, истакна заменик-министерот Велковски.
– Чест ми е што во мојот мандат со финансиско учество на Општината, Гевгелија после долги години ќе добие нова детска градинка. Решавањето на проблемот со недостиг на капацитети за упис на деца во предучилишна возраст и што поголем број семејства да добијат пристап до квалитетна предучилишна едукација, беше наш главен мотив за реализација на овој капитален проект- потенцираше Сарамандов.
За време на посетата во Гевгелија, заменик-министерот Велковски и градоначалникот Сарамандов одржаа средби и со претставници на Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“, Здружението на лица со попреченост „Порака“, Здружението на слепи лица и Здружението на лица со оштетен слух и говор во Народниот театар- Гевгелија. На средбите беа дискутирани предизвиците со коишто овие лица се соочуваат, како и можните решенија за подобрување на условите, пристапот до помагала и унапредување на законските рамки.