Општина Гевгелија започна со целосна реконструкција на спортското игралиште во близина на Серменинско Маало, „Елена Костадинова“, простор кој е од особено значење за младите и спортските ентузијасти од овој дел на градот.
Реконструкцијата опфаќа поставување на нова мека подлога, целосна замена на постојната ограда со ново метално оградување и санација на спортската опрема, вклучително и кошевите и головите. Со овие активности, игралиштето ќе добие современ, безбеден и функционален изглед, прилагоден за различни спортови и секојдневни дружби на младите.
– Целта на инвестицијата е да се создадат подобри услови за рекреација и спорт, како и да се поттикне активен и здрав начин на живот кај децата и младите, во време кога сè повеќе од нив слободното време го поминуваат пред електронски уреди- истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, упатувајќи апел до граѓаните за заедничка грижа и одговорност кон новоизградената инфраструктура.









