На вчерашната 34. седница, Советот на Општина Гевгелија
го усвои Кварталниот извештај за извршување на Буџетот (кумулативно) за периодот 01 јануари – 30 септември 2023 година. Од вкупно проектираниот Буџет на Општина Гевгелија за 2023 година во висина од 598.552.512 денари, реализирани се вкупно приходи во висина од 467.889.611 денари или 78,17%, од кои тековно оперативни приходи 429.451.105 денари и 38.448.506 денари капитални приходи. Додека, од вкупните расходи во висина од 420.582.530 денари, 88.842.139 денари припаѓааат на капитални расходи. Од планираните 246.493.809 денари во Основниот буџет, реализирани се 90,48% или 223.039.763 денари. Додека, од реализираните расходи во Основниот буџет во висина од 187.862.433 денари, 54.548.472 денари припаѓаат на капиталните расходи.
Инаку, на 34. седница, Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година е зголемен за 159.978 денари. Со донесената одлука на Советот на Општина Гевгелија, вкупниот износ на Буџетот од 640.064.602 денари е зголемен на 640.224.580 денари. Зголемувањето на Буџетот на Општина Гевгелија се должи на пренесените вишок приходи на одредени ставки од претходната година и се распоредуваат за дејноста Библиотекарство, односно за зголемувања во делот на бруто плата и надоместок за годишен одмор, како и одредени намалувања и зголемување на потпрограмите во Основниот буџет на Општина Гевгелија за 2023 година.