Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година, од вкупниот износ на 741.302.538 денари, е зголемен за 98.022.855 денари. Со измените и дополнувањата, усвоени на последната 62. седница на Советот на Општина Гевгелија, вкупниот износ на Буџетот е утврден на 839.325.657 денари. Зголемувањето на Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година уследи по зголемувањето на приходите на Основниот буџет за 69.158.918 денари, преку трансфери од други нивоа на власт. Буџетот на дотации се зголемува за 15.985.088 денари, трансфери од други нивоа на власт, буџетот на самофинансирање се зголемува од приходи за такси и надоместоци за 172.192 денари, а буџетот на донации се зголемува за 12.733.657 денари за добиените проекти од странство.
Со измените и дополнувањата во Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година, капиталните приходи во вкупната структура учествуваат со 28.267.637 или 3,37%, додека капиталните расходи со 25,59% или 214.805.540 денари. Во Основниот буџет, капиталните расходи учествуваат со 189.439.321 денар или 43,78% што е показател за задржување на развојната компонента на Општина Гевгелија.
– Со првиот ребаланс на Буџетот на Општина Гевгелија, Основниот буџет за 2025 година во висина од 363.632.321 денар се зголемува на 432.791.239 денари. Дел од ова зголемување се должи на доделените 3.000.000 денари од Министерството за култура и туризам за реализација на Проектот „Гевгелија град на културата за 2025 година“, 3.329.000 денари за изградба на улицата „Павел Шатев“ и 21.829.773 денари се средства пренесени од 2024 година. Најголемото зголемување на Основниот буџет за 2025 година- 40.999.552 денари, е по основ на ДДВ од Министерството за финансии, што за мене претставува најголем успех на локалната самоуправа. Од причини што при носењето на Предлог-Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година беше предвидено по основ на ДДВ да имаме 52.000.000, а сега имаме зголемување за плус 41.000.000 денари, што е околу 81% од првичниот предвиден приход за ДДВ, рече пред членовите на Советот на Општина Гевгелија во расправата за ребалансот на Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Притоа, нагласи дека на крајот од годината, Општина Гевгелија ќе има 93.000.000 денари во Основниот буџет, што се должи на 0,75% од наплатениот данок, кој се доделува на општини што остваруваат добар финансиски резултат во последните три години.
– Имено, во 2022 и 2023 година, како и во 2024 година, имавме добра реализација на Буџетот – 107% на приходната, а 90% на расходната страна. Се надевам дека и во наредните години ќе продолжиме со високопроцентна реализација на буџетот, затоа што овие средства коишто се додадена вредност во општината, ќе ни овозможат редовно плаќање на тековните обврски. Важно е да се истакне дека 50% од зголемувањето за 69.158.918 денари се наменети за капитални расходи, истакна градоначалникот Сарамандов.