Изминатиот период, врз основа на барањата на граѓаните, во Гевгелија се изградени и обновени голем број зелени паркови и површини, со поставување урбана опрема за одмор и рекреација. Покрај изградбата на урбаниот парк на продолжениот булевар „Гевгелија“ (крај социјалните згради), проект на Општина Гевгелија, во дворното место на Пионерски дом „Гевгелија“, во соработка со Фондација „Ице Бегов“- Скопје, е изграден инклузивен парк, со урбана опрема за деца и лица со попреченост и хортикултурно уреден. Исто така, на улицата „7 Ноември“, од кружниот тек на влезот на Гевгелија сè до Амамот, на јавните површини се поставени жардинерии со зимзелени грмушки, цвеќе и модерна ограда, како и жардинерии со дрвца и саксии со сезонско цвеќе на канделабрите, на Градскиот плоштад. На повеќе локации во градот, на зелените површини се инсталирани и летниковци и канти за отпадоци.
– Денешните потреби и трендови бараат да создадеме поубава средина за модерно и урбано живеење. Динамичниот начин на живот секојдневно ни наметнува потреба за создавање нови содржини за одмор и рекреација. Како Градоначалник на општина Гевгелија, ставив посебен фокус на модернизирање и уредување на градот. Вложивме доста во нови практики за подобрување на целокупниот излгед на градот.
Слушајќи ги барањата на граѓаните, изградивме нов урбан парк, а набрзо потоа во соработка со Фондацијата „Ице Бегов“, дворот на Пионерскиот дом го претворивме во ново урбано катче со реквизити за деца. Обновени се голем број зелени површини, а, исто така, поставена е нова урбана опрема со летниковци и корпи за отпадоци. Дополнително, извршено е хортикултурно уредување на повеќе локации од градот.
Сето ова го постигнавме заеднички со граѓанскиот сектор, изразувам голема благодарност и до екипите на ЈПКД „Комуналец“, кои, исто така, се дел од целата приказна за поубава Гевгелија. Продолжуваме и понатаму да создаваме поубава и модерна Гевгелија, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, за сработеното во изминатиот период.