Полиците на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија ќе ги краси уште едно сопствено издание од роднокрајната литература „Метрички карван“, коeшто 11 години по ред ги соединува стиховите помеѓу поети од Гевгелиско и поети од други градови во државата. Љубителите на убавиот пишан збор, овојпат, ќе имаат можност да го прочитаат лирскиот глас на 10 гевгеличани и 9 радовишани по излегувањето од печат на 11. по ред „Метрички карван“.
– Единаесеттото издание на „Метрички карван“ е крунисано од зборови кои, небаре долетани низ долгата историја на југоистокот распослан меѓу градовите Гевгелија и Радовиш, со себе носат богатства кои како едвај да ја чекале својата ерупција, како што метафората што тлеела во вечноста го чекала своето отпевање, кое неизбежно ќе се случи. Или, како што би рекол седумнаесетгодишниот Ацо Караманов, „Ние и кога умираме треба да пееме“. „Метрички карван“ ќе продолжи да го слави животот во сите нијанси на неговата поезија, поезијата во сите нијанси на нејзиниот живот, и сето помеѓу. А она што е најдено таму ќе им преостане на вечните трагачи по убавината, вистината, по слободата во зборот и неговата тишина- стои во воведот на поетската збирка.