Во прекрасна атмосфера, помина работниот ден на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, пречекувајќи ги сите учесници и вклучените во организацијата на Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка 2024“ во Општина Гевгелија. Во големата сала, одекна химната на „Калинка“ од златните грла на изведувачите на песните, хорот и танчерските групи, поздравувајќи го Градоначалникот. Кој, исто така, од организаторите доби симболичен подарок во знак на благодарност за поддршката од Општина Гевгелија.
– Радоста и задоволството на децата да се биде дел од Фестивалот бликаше на нивните лица. За мене детската радост и среќа претставува задоволство и мотив за продолжување на оваа прекрасна традиција, рече градоначалникот Сарамандов, споделувајќи ги впечатоците од денешната средба со калинките. Исто така, им посака успех и добра дружба, така насмеани, весели и горди да ги поминат деновите на Фестивалот, ветувајќи дека како татко на градот ќе продолжи да ги поддржува сите иницијативи коишто значат подигање на културата, на ниво кое го заслужува еден модерен град како што е Гевгелија.
Од денеска до 2 јуни, ќе се одржуваат главните фестивалски вечери на годинашното издание на „Калинка“. Изминатава седмица, „Калинка“ пееше и играше за учениците од основните училишта и дечињата од градинките, а поради големиот интерес, закажана е уште една епизода на „Калинка 2024 година“, на 3 јуни. Секако, и годинава ќе се одржи дефиле на Градскиот плоштад, и тоа на 2 јуни 2024 година, каде сите деца ќе имаат можност да се дружат со учесниците и да се забавуваат со многу музика и рекреативни содржини.