23. издание на Детскиот музички фестивал „Калинкиа 2025 година“ ја обои првата недела од јуни со детска песна, игра, радост, смеа, култура и интернационално пријателство. Од 2 до 8 јуни, како дел од програмата за „Гевгелија град на културата 2025 година“, Фестивалот го збогати културниот живот на градот, донесувајќи богата програма со нови детски песни, сценски настапи и културна размена.
Во предфестивалските концерти на Фестивалот (2-5 јуни 2025 година), децата од основните училишта и детските градинки имаа можност први да ги чујат 18. нови детски песни подготвени за годинешното издание со теми блиски до нивниот свет и секојдневие. А сето тоа надополнето и со хор и бенд на „Калинка“, кореографии на танцовото студио „Мистик“ и настап на Градскиот детски хор „Божилак“. Вечерните гала концерти (6-8 јуни 2025 година) беа вистински спектакл, со врвна продукција, сценографија и изведби на високо уметничко ниво. Првата гала вечер ја отвори градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, со говор во којшто ги истакна неговата поддршка и порака за значењето на „Калинка“ и културното вложување во младите- поздравувајќи ги сите учесници и вклучените во организацијата.
Годинешното издание на Музичкиот детски фестивал „Калинка“ доби и интернационален карактер, отворајќи ги вратите за меѓуврснички пријателства преку уметност и спојување култури со специјалното гостување и настапите на дечиња од Република Турција и Република Бугарија. Душата на „Калинка“ ќе остане сочувана со професионалната снимка од Македонската радио телевизија и ќе допре до домовите низ цела Македонија, овозможувајќи им на сите деца да ја почувствуваат магијата што ја донесе овој значаен културен настан кога Гевгелија гордо го носи епитетот- град на културата за 2025 година.
Оваа година, „Калинка“ доби и симболична песна- химната „Дојдете во Гевгелија“, посветена на градот домаќин, специјално создадена како поздрав од Фестивалот кон својата културна и туристичка престолнина. Дополнително, Фестивалот внесе и нова димензија на детската креативност преку објавениот Литературен конкурс за ученици на тема „Мојот детски свет“. За првпат по многу години, токму победничкиот текст „Лето во Италија“ од Јована Колев, ученичка во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, беше преточен во песна и компониран за фестивалската сцена. Јована доби и диплома за своето учество, а нејзината приказна оживеа преку музиката.
Одржувањето на 23. издание на „Калинка“ беше прославено и со свечено дефиле на Градскиот плоштад и забава со шоу приредено од уличниот изведувач Дарко Ѓурчиновски.



























