Одржувањето на 22. по ред Интернационален детски музички фестивал „Калинка 2024“ повторно го надополни културниот живот во општина Гевгелија и им остави музичко богатство на децата. Изминатата недела, со „Калинка 2024“ се славеше детството и Гевгелија со нејзините доблести како град. Нови 24 песнички беа интерпретирани на сцената во Народниот театар- Гевгелија, а во нивната изведба поткрепени со хорско пеење, танцови перформанси и визуелни анимации уживаа сите- од најмалото до најголемото. Посебен впечаток остави универзалната песничка со порака за мир, со којашто започна „Калинка 2024“.
Гала вечерта на Фестивалот имаше чест да ја отвори градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој пред присутните во Народниот театар- Гевгелија го истакна своето задоволство што и годинава Гевгелија е центар на детската музика во Македонија. Сарамандов упати честитки и благодарност до организаторите кои со голем ентузијазам дадоа свој придонес во успешното одржување на „Калинка 2024“ по повеќегодишната пауза и минатогодишното обновување. Исто така, истакна дека обврска на Општина Гевгелија е поддршката да ја негува оваа традиција на детски игри, радост, песни и насмевки.
Не изостана и градското дефиле на плоштадот во Гевгелија, каде што сите дечиња имаа можност да се дружат со калинките и да си поминат незаборавно преку организираната забава, збогатена со присуството на жонглери и кловнови.
Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“ е поддржан од Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање проекти и програми од областа на културата за 2024 година, за што огранизацискиот обор упати благодарност до локалната самоуправа и Советот на Општина Гевгелија. Како и до сите покровители и пријатели на „Калинка“.