Во рамки на турнирот „Биди шампион“ што го организира Државната видеолотарија на Македонија, на мултифункционалното игралиште кај ДТВ „Партизан“ во Гевгелија, се одигра меѓуучилиштен натпревар во уличен баскет помеѓу два тима од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија и ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија на возраст до 14 години. Во ферплеј игра, тимот на ООУ „Владо Кантарџиев“ го надигра тимот на ООУ „Крсте Мисирков“ со резултат 11:10, со што се пласира во финалните натпревари коишто ќе се играат со нивни врсници на државно ниво. За учеството во овој натпревар којшто се спроведе во соработка со Општина Гевгелија, учениците добија соодветна спортска опрема и подароци.
Квалификациските натпревари- по 16 во мал фудбал и уличен баскет се играат на реконструираните игралишта ширум Македонија- донација од Државната видеолотарија на Македонија, меѓу кои дел од нив е и мултифункционалното игралиште во Гевгелија што беше пуштено во употреба во септември 2022 година. Целта на турнирот „Биди шампион“ во мал фудбал и уличен баскет за деца на возраст од 10 до 14 години е да се поттикне спортувањето како здрава активност за правилен развој на децата, да владее тимскиот дух и работа во групи, но и да им се даде можност на талентираните деца да бидат забележани.
„Биди шампион“ не е само натпревар, туку и порака- дека секој млад човек може да биде шампион во фер игра, другарство и воопшто во животот.



