На 7 октомври 2025 година, во Народниот театар во Гевгелија, над 150 деца ги пуштија своите гласови за одбележување на Детската недела, создавајќи концерт кој беше вистински спој на гласови во хармонична симфонија. Градскиот детски хор „Божилак“ и хоровите на гевгелиските училишта „Владо Кантарџиев“ и „Крсте Мисирков“ низ песна ја пренесоа пораката дека детските права се важни, исполнувајќи ја салата со радост и живост.
Под менторство на наставниците м-р Илија Атанасов, Крсте Делев и Горан Лазаров, децата со секој тон покажаа талент и посветеност, создавајќи празнична атмосфера и изведби кои ги воодушеви присутните. Публиката- родители, наставници и љубители на културата- ги следеше настапите со внимание, а по секоја песна следуваше силен аплауз.
Концертот покажа дека ваквите настани се повеќе од музика- тие се прослава на младинската креативност, соработка и љубов кон културата. Организиран од ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, по повод Детската недела и во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, настанот ја истакна улогата на културата како простор за развивање таленти, учество на младите и уживање во уметничките активности. Со овој концерт, градот ја потврди визијата за активно вклучување на најмладите во културниот живот, поттикнување на нивните способности и збогатување на локалната културна сцена со активности кои ги слават детството и музиката.
















