Во просториите на Општина Гевгелија, се одржа координативен состанок со претставници на сите надлежни институции и служби вклучени во системот за заштита и спасување, со цел навремена подготовка и координација пред претстојната сезона на пожари и зголемените ризици што ги носат високите летни температури.
На состанокот беа разгледани мерките и активностите што секоја институција ќе ги презема во рамки на своите надлежности, како и можностите за унапредување на меѓусебната комуникација и координација при евентуални интервенции на терен. Посебен акцент беше ставен на раната детекција на пожари, брзата реакција на службите, превентивните активности во ризичните подрачја и подготвеноста на сите расположливи ресурси за навремено справување со можни пожарни ситуации.
Учесниците на состанокот ја истакнаа важноста од навремената размена на информации и заедничкото дејствување, особено во период кога високите температури, сушата и ветерот значително го зголемуваат ризикот од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор. Беше нагласено дека превенцијата останува најважниот сегмент во заштитата од пожари и дека покрај институционалната подготвеност, клучна улога има и одговорното однесување на граѓаните.
Во пресрет на летната сезона, Општина Гевгелија ги повикува сите граѓани да бидат особено внимателни при престој во природа, на обработливи површини и во близина на шумски подрачја. Се препорачува да не се пали оган на отворено, да не се палат стрништа, сува трева и растителни остатоци, како и да се избегнува фрлање догорчиња од цигари, стаклени предмети и друг отпад што може да предизвика пожар. Дополнително, сопствениците на приватни имоти, градежни парцели, викенд-објекти и земјоделски површини се повикуваат редовно да ги одржуваат своите имоти, да ја отстрануваат сувата трева, нискостеблестата вегетација и друг лесно запалив материјал, со цел намалување на ризикот од појава и ширење на пожари.
Посебно внимание треба да се посвети и на безбедноста во домовите, деловните објекти и помошните простории. Во услови на високи температури, неисправните електрични инсталации, оштетените кабли, преоптоварените штекери, неисправните електрични уреди, како и оставањето приклучени полначи без потреба, можат да претставуваат сериозна опасност и причина за избувнување пожар. Поради тоа, се препорачува редовна проверка на електричната мрежа и навремено отстранување на евентуалните дефекти.Исто така, граѓаните се повикуваат запаливите материи и течности, како горива, бои, разредувачи, плински боци и други лесно запаливи материјали, да ги чуваат на соодветни и безбедни места, подалеку од извори на топлина и директна изложеност на сонце. Правилното складирање на ваквите материјали значително го намалува ризикот од настанување и ширење на пожари.
Општина Гевгелија потсетува дека навременото пријавување на секоја појава на оган или чад е од исклучителна важност за брза и ефикасна интервенција на надлежните служби. Доколку граѓаните забележат пожар, потребно е веднаш да го пријават на единствениот број за итни повици 112, на бројот 193 или во Територијалната противпожарна единица Гевгелија на телефон 034/211-881.
Во периодот што следува, сите надлежни институции остануваат во состојба на зголемена подготвеност, а граѓаните се повикуваат со своето одговорно однесување да придонесат за намалување на ризикот од појава и ширење на пожари на подрачјето на општина Гевгелија.


















