Командантот и градоначалник на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, претседаваше со седницата на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на којашто со претставниците на надлежните институции, соседните општини, месните заедници и ловните друштва беа разгледани актуелни прашања од областа на заштитата и спасувањето. На седницата се дискутираше за активностите што се преземаат во насока на превенција од пожари и за потребата од засилена координација меѓу сите субјекти задолжени за заштита и спасување.
Во услови на висок ризик од појава и ширење на пожари поради високите температури и сушниот период, посебен акцент беше ставен на преземањето превентивни мерки и навременото реагирање. Сите институции, согласно своите законски надлежности, беа задолжени да ги преземат неопходните активности, да обезбедат засилено присуство на терен и максимална координација во претстојниот период, со цел навремено спречување и ефикасно справување со евентуални пожари.
На седницата беше отворено и прашањето за сè почестата појава на штетен дивеч на подрачјето на општина Гевгелија, особено во близина на земјоделските површини и полските насади, каде што се предизвикуваат значителни штети врз земјоделските култури. Во таа насока, беа разгледани можните мерки и активности што ќе бидат преземени во рамките на законските надлежности на институциите и во координација со ловните друштва, со цел изнаоѓање соодветни решенија за намалување на штетите и заштита на земјоделското производство.
Командантот на Општинскиот штаб за заштита и спасување, Андон Сарамандов, ја нагласи важноста од континуираната соработка, навремената комуникација и координираното дејствување на сите надлежни институции, со цел обезбедување ефикасна превенција, брза реакција при евентуални интервенции и заштита на граѓаните, нивниот имот и животната средина.















