На 4 јули 2025 година, во дворот и просториите на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, свечено беше отворена Завршната изложба на Детската ликовна летна школа. Изложбата претстави колоритна и инспиративна поставка од оригинални дела, создадени од најмладите љубители на уметноста. Просторот беше исполнет со енергија, насмевки и чувство на гордост, додека посетителите- родители, наставници, пријатели и останатата љубопитна публика со внимание ги разгледуваа творбите кои откриваа длабочина, креативност и слободен уметнички израз.
Секој цртеж, слика или композиција на над 60 дечиња сведочеше за вложениот труд и менторската поддршка добиена во текот на Школата. Делата беа резултат на неколкудневна посветена работа, инспирирани од природата, емоциите, секојдневните сцени, како и од апстрактни претстави на имагинарни светови што само детската фантазија може да ги обликува со таква чистота и непосредност. Изложбата претставуваше не само завршни , туку и празник на детската уметност и креативност, како и доказ за значењето на уметничкото образование уште од најрана возраст.
Изложбата е резултат на успешно реализираната Детска ликовна летна школа при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, што се одржа во периодот од крајот на јуни до 3 јули 2025 година, под раководство на реномираниот уметник и педагог м-р Александар Јанев. Во текот на овие неколку интензивни денови, младите учесници имаа можност не само да научат нови ликовни техники туку и да истражуваат различни медиуми, да развиваат визуелна писменост и да се изразуваат слободно и самостојно. Поддржани од поттикнувачка и пријателска средина, децата напредуваа во своето ликовно изразување и со голем ентузијазам го прифатија предизвикот да создадат сопствени уметнички дела.
Покрај креативниот аспект, Школата им понуди и можност за дружење, тимска работа и градење на самодоверба, што ја прави оваа иницијатива уште повредна за севкупниот развој на децата. Настанот уште еднаш го потврди значењето на ваквите образовно-културни активности кои им овозможуваат на најмладите да се развиваат во креативни и свесни личности.
Овој проект се реализира во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, при што Општина Гевгелија, во тесна соработка со локалните културни институции, континуирано вложува во унапредување на културната понуда за младите. Поддршката на вакви иницијативи е дел од стратегијата за градење на богата и инклузивна културна сцена во Гевгелија, каде што младите таленти ќе добијат простор за изразување, афирмација и личен развој.















