Силното невреме проследено со обилен дожд и град, кое на 30 јуни и 1 јули 2026 година го зафати подрачјето на oпштина Гевгелија, направи материјална штета во вкупен износ од 6.445.753 денари. Ова се официјалните податоци од Елаборатот за процена на штетите, кој беше едногласно усвоен на 14. седница на Советот на Општина Гевгелија. Ударот од невремето најсилно се почувствува во земјоделскиот сектор, каде што се оштетени вкупно 10,8294 хектари обработлива површина, главно под лозови и овошни насади. Според официјалниот преглед по месни заедници, најголема материјална штета е евидентирана во селото Ново Конско во износ од 3.218.476 денари, по што следуваат Кованец со 1.288.512 денари, Негорци со 1.142.733 денари, Прдејци со 590.616 денари и Гевгелија со 205.416 денари.
Општинската Комисија за процена и утврдување на штетите изврши теренски увид во периодот од 2 до 20 јули, постапувајќи по поднесените барања од граѓаните. Вкупно беа обработени 21 пријава од физички лица, а проценетата штета во овој сектор изнесува 6.333.628 денари, износ во кој се пресметани и 205.416 денари штета на средства во сопственост на граѓаните. За разлика од индивидуалните производители, кај правните лица се евидентирани значително помали оштетувања, односно штета во износ од 112.125 денари.
Покрај конечниот биланс, Елаборатот содржи и насоки за превенција и ублажување на последиците од ваквите непогоди. Се препорачува стручните општински служби дополнително да ги информираат земјоделците за можностите за субвенционирано осигурување на посевите, а истовремено се упатува апел до надлежните државни органи за поголемо внимание и повторно функционално воспоставување на градобијниот заштитен систем.
По усвојувањето на 14. седница, Елаборатот се упатува до Републичката комисија за процена и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи, Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за понатамошно разгледување и преземање на потребните активности и мерки.


