Гевгелиските улици ги благослови иконата на Богоносната мајка Богородица „Цвет кој не венее“. Празничната литија по повод одбележувањето на празникот „Св. Кирил и Методиј“, покрај претставниците на Гевгелиското Архиерејско намесништво, ја придружуваа голем број верници од општина Гевгелија веднаш по отслужената Света литургија со учество на Градскиот мешан хор „Гортинија“- Гевгелија. А, потоа имаа можност да ги проследат и настапите на Ансамбл „Македонија“ и Мандолинскиот оркестар „Полифонија“.
За денешниот празник на нашите сесловенски и македонски просветители, св. Кирил и Методиј, честитка упати и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов:
– Со литија во Гевгелија, е одбележан празникот „Св. Кирил и Методиј“. За поздрав е големиот број сограѓани верници кои беа дел од Големата гевгелиска литија која зачекори по гевгелиските улици. Нека овој благослов на денешниот празник донесе мир, љубов и спокој во нашиот град. Нивното дело има оставено белег и има огромен придонес како за македонскиот народ, така и за сите народи кои се дел од словенската култура. Нека е вечно нивното име и нека ни е за многу години најголемиот државен празник!
Имено, и вчера, се оддаваа почести на светите браќа Кирил и Методиј во организација на Гевгелиското Архиерејско намесништво, а со Акатист кон Св. Кирил и Методиј со петтолебие и настапите на Градскиот детски хор „Божилак“ и Балетската група „Дива“ од Гевгелија.