На 26 ноември 2025 година, Народниот театар- Гевгелија оживеа со смеа, енергија и младешки елан. Премиерно беше изведена комедијата „Скржавец“, во продукција на Драмската секција при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, која ја освои салата до последно место и остави незаборавен впечаток кај публиката.
Маестралната премиерна изведба- гевгелискиот „Скржавец“ го доведе до израз талентот на младите актери од Драмската секција. Под менторство на Катица Џишева Дупарова, младинците со огромна посветеност ја подготвија оваа динамична и духовита претстава инспирирана од класичното дело на Молиер во рамки на „Гевгелија град на култура за 2025 година“. Преку комични ситуации, живописни ликови и дијалози полни со хумор, тие успешно ја обработија темата на скржавоста, алчноста и човечките слабости, испреплетувајќи ја со мотиви на љубов, пријателство и човечка топлина.
На сцената се почувствува вистинската младешка енергија и ентузијазам, а впечатливата актерска екипа ја сочинуваа: Костадин Узунов, Марија Илкова, Катерина Јовановска, Јована Дупарова, Илија Пандев, Снежана Малева, Марија Елбасановска, Леана Јанковска, Андреј Димов, Димитар Стојчевски, Мартина Ангелкова и Мартин Костадинов. Секој од младите актери со својот индивидуален пристап и сценско присуство внесе живот и свежина во ликовите, а нивната синергија создаде динамичен развој на претставата.
Гевгелиската публика со воодушевување ги следеше сценските интеракции, комичните ситуации и духовитите дијалози. Секоја реакција предизвикуваше смеа, а аплаузите по завршувањето на претставата беа долги и искрени. Особено впечатлив беше начинoт на кој младинците го доловија духот на Молиер- прекумерни страсти, комични конфликти и препознавање на сопствените човечки слабости.
Менторката Џишева Дупарова ги водеше младите актери низ целиот процес- од градење ликот, сценска интерпретација и проби, до финалната изведба на сцената. Резултатот беше претстава која плени, со оригинален пристап кон класиката.
Овој настан го потврди значењето на театарската уметност како алатка за развој на младите, културно воспитување и создавање атмосфера на заедништво во Гевгелија.





































