На 12 август 2025 година, Фоајето на Народен театар- Гевгелија се претвори во вистинска патека низ македонската традиција. Во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, беше отворена Изложбата на фотографии и етнографски предмети „Материјалната култура низ призмата на Марко Цепенков“.
Изложбата ги презентира рачно скицираните етнографски предмети од самиот Марко Цепенков, отпечатени на форекс материјал, дополнети со автентични етнографски експонати во нивната оригинална форма. Така, посетителите имаа можност да се запознаат со традиционалната македонска материјална култура- од покуќнина, текстил и алатки за кроење и шиење, до музички инструменти кои некогаш го оживувале секојдневието на македонските семејства.
Свеченото отворање го предводеше Силвестер Проле, м-р етнокореолог во ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Во своето излагање, Проле го истакна големото значење на Цепенков како собирач на македонските народни умотворби. Тој подвлече дека Цепенков, за разлика од другите собирачи, повеќе од 40 години лично собирал и запишувал народни умотворби, создавајќи најбогат и најразновиден фолклорен фонд во Македонија.
Проле посочи дека Цепенков своите материјали ги собирал претежно од Прилеп и околината, но и од Битолско Поле, Скопската Котлина, Овче Поле, Азот и Дебарско Поле, оставајќи наследство што и денес инспирира. „Секој предмет, секоја скица и секој етнографски експонат зборува за животот, уметноста и креативноста на македонскиот народ“- нагласи Проле.
Автор на Изложбата е м-р Тијана Николовска, во соработка со Универзитетскиот ансамбл „Македонија“. Преку оваа изложба духот на Марко Цепенков оживеа во Гевгелија, носејќи дел од македонската традиција до секој посетител. Публиката имаше можност да се восхити на деталите и убавината на предметите, но и да воспостави врска со минатото преку мртвите предмети коишто се жива душа на македонската традиција.




















