Во работна посета на општина Гевгелија престојуваше вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид во повеќе реализирани и тековни инфраструктурни проекти на подрачјето на општината. Во рамки на посетата, беше посетено и старото градско јадро, каде што во тек е реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“, на потегот од ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ до Железничката станица.
Имено, проектните активности се одвиваат на потег во должина од 700 метри и опфаќаат: прередување на старата калдрма со зачувување на нејзиниот автентичен изглед, целосно нови, подземни инсталации за водовод, канализација, електрична и интернет мрежа, поплочување на тротоарите со гранитни плочи, ново модерно улично осветлување и урбана опрема за рекреација. Предвидено е засадување нов дрворед и поставување систем за наводнување, со што улицата ќе добие повеќе зеленило и уреден јавен простор. Вкупната вредност на овој зафат е 82 милиони денари, а средствата се обезбедени од Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт.
Во обраќањето пред медиумите, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека Владата останува посветена на инфраструктурниот развој на општина Гевгелија, осврнувајќи се на реализираните проекти, како и на новите инвестиции што ќе придонесат за понатамошен развој и модернизација на градот.
– Инвестираме преку 165 милиони денари за нови улици во Гевгелија. Со Општината ќе работиме на изградба на нов влез во градот. Завршивме повеќе големи проекти во Гевгелија со што инфрaструктурно градот доби нов лик, едно модерно место за живеење. Покрај тековната реконструкција на улицата „Маршал Тито“, завршена е и изградбата на улицата „Новопланирана“ во вредност од 2,4 милиони денари, како и изградба на парк со детско игралиште на улица „Деко Ковачев“ во вредност од 7,1 милион денари. Завршена е реконструкција и рехабилитација на дел од булевар „Гевгелија“ и натпатник на улица „Железничка“ во првиот повик 17,7 милиони денари. Преку средства од Министерството за транспорт завршивме и реконструиравме улици во село Моин, во село Прдејци и во село Богородица и завршен е Западниот булевар фаза 3 со средства обезбедени од Министерството за транспорт со поддршка на Светска банка во вредност од 30,8 милиони денари- рече Николоски.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“ претставува значаен чекор во унапредувањето на урбаниот изглед и инфраструктурниот развој на градот, при што посочи дека проектот е насочен кон создавање современ, функционален и уреден јавен простор.
– Со реализацијата на овој проект создаваме современо и долгорочно решение за една од најзначајните улици во градот. При проектирањето е применет пристап на високи стандарди, со цел целокупната инфраструктура да биде поставена подземно, без надземни столбови и кабли. Со зачувувањето на автентичната калдрма, новото осветлување, урбаната опрема и дрворедите по целата должина, улицата „Маршал Тито“ ќе добие изглед достоен да биде меѓу најубавите улици во Македонија. И покрај бројните реакции во јавноста, сакам да ги информирам и успокојам граѓаните дека старите садници дрвја ќе бидат замените со нови, ќе биде инсталиран и систем за нивно наводнување, со што улицата ќе добие повеќе зеленило и долгорочно инфраструктурно решениеУпатувам благодарност до вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, за континуираната поддршка што Владата и Министерството за транспорт ја даваат за развојот на општина Гевгелија. Продолжуваме со реализација на проектите и планираните активности за 2026 година, со цел Гевгелија да продолжи да расте и да се развива во секој поглед- посочи Сарамандов.



















































