Претседателот на Локалниот младински совет на Општина Гевгелија, Кристијан Алчинов, учествуваше на конференција „Младински иницијативи за одржлива животна средина на локално ниво“, којашто се одржа во Скопје, во организација на Македонско здружение на млади правници. Во своето обраќање, Алчинов ги истакна еко-проблеми со коишто се соочува општина Гевгелија, предизвиците на ЛМС на ОГ за унапредување на животната средина, вклучување на младите преку спроведување иницијативи и креирање политики за нејзина заштита и потребата од зајакнување на механизмите на младинското тело за делување во областа на животната средина.
На Конференцијата, учествуваа млади активисти, претставници од граѓански, младински организации и организации за млади, како и претставници на општините, коишто преку развиените дискусии донесоа повеќе заклучоци. Дека е потребно мотивирање, градење на капацитетите преку континуирана менторска поддршка на младите и единиците на локалната самоуправа. Исто така, зајакнување на соработката помеѓу младинските организации, организациите за млади и чадор организациите за вршење притисок кон централните и локалните власти за исполнување на обврските од Законот за младинско учество и младински политики; и младинските организации и организации за млади да се регистрираат во Регистарот на Агенцијата за млади и спорт.
Конференцијата се реализираше во рамки на Проектот „Младински активизам за позелени општини“, поддржан од Европска Унија, којшто го спроведуваат Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина „ГОУ ГРИН“, Центарот за климатски промени и Здружението на млади „Креактив“. Имено, Локалниот младински совет на Општина Гевгелија е вклучен во Програмата за техничка и менторска поддршка за младинско учество и креирање политики за животна средина на локално ниво.