Во рамки на програмата за „Гевгелија град на културата за 2025“, на 26 јуни 2025 година, во хотел „Аполонија“ се одржа Пијано-концерт на младиот и веќе афирмиран пијанист Давид Павиќ „Од барок до романтизам“, поведувајќи ја Гевгелија кон освојување на музичките епохи. Концертот понуди програма што ги опфати клучните стилски периоди од историјата на класичната музика.
Со изведби на дела од: Јохан Себастијан Бах, Јозеф Хајдн, Фредерик Шопен, Франц Лист и Сергеј Рахманинов, Павиќ покажа висок степен на техничка подготвеност, музикалност и изразена чувствителност кон авторскиот стил. Неговото претставување пред гевгелиската јавност заврши со бис-изведба на делото „Ревиско оро“ од македонските композитори Милан Завков и Дамир Имери.
Како дополнување на главната пијанистичка програма, концертот беше збогатен и со специјален настап на македонскиот пејач Игор Узунов од Гевгелија, кој во придружба на Павиќ, го изведе македонскиот евергрин „Сонце за три светови“. Со тоа, Павиќ уште еднаш покажа музичка флексибилност, овојпат и како корепетитор и во целост ги оправда својата богата музичка биографија и очекувањата на публиката. Затоа, младиот уметник беше поздравен со долготрајни аплаузи, што беше јасен показател за впечатокот што го остави со својот солистички концерт.
Пијанистичкиот концерт на Давид Павиќ беше во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија. Со својот професионален пристап и талент, го потврди значењето на културата, оставајќи неизбришлив впечаток во годинава кога Гевгелија го носи престижниот статус „Град на култура“.










