На 25 септември 2025 година, во хотел „Аполонија“ се одржа концертот „Гевгелиски музички таленти“. Салата беше исполнета со љубители на класичната музика, а публиката имаше ретка можност да ги слушне младите музичари, кои својот музички пат го започнаа како ученици во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, и кои денес продолжуваат да се усовршуваат во средни музички училишта и факултети ширум земјата.Настапот го отвори Викторија Каракабакова, која со виолината ги оживеа „Сарабанда“ од Јохан Себастијан Бах и „Пициката полка“ од Лео Делиб. Низ нејзината интерпретација, тоновите беа нежни, но и моќни, со јасна емоција која ја допре публиката.
Следеше Сања Миленковиќ, која на пијано ја пренесе длабочината и комплексноста на „Прелудиум во d-moll“ од Сергеј Рахмањинов, како и виртуозните линии од „Етида опус 25 број 5“ на Фредерик Шопен. Нејзиниот настап беше вистинска музичка приказна, полна со динамика и суптилни нијанси.
Емилија Николoвска со виолината ја обои сцената со првиот став од Концертот за виолина од Феликс Менделсон, претставувајќи зрело и со длабока музичка чувствителност. Љубица Улиш со својот пијанистички настап на првиот став од „Сонатата“ на Муцио Клементи внесе мир и благост, а прецизноста и изразот во нејзината изведба создадоа посебна атмосфера.
Софија Јакимова ја обедини меланхолијата и силата во својата интерпретација на „Елегија“ од Д. Џаконовски-Шпато, додека Мими Дучева на пијано ги одведе слушателите на музичко патување низ „Ноктурно опус 9 број 1“ од Фредерик Шопен, „Думка опус 59“ од Петар Илич Чајковски и „Етида- слика опус 39 број 5“ од Сергеј Рахмањинов.
Секој од овие млади музичари имаше свој уникатен стил и пристап, но сите ги обедини желбата да ја споделат својата љубов кон музиката и да докажат дека Гевгелија е место каде растат и се развиваат големи уметници. Концертот беше топло прифатен од публиката, која го награди секој настап со долги аплаузи и поддршка.
Настанот беше организиран од ЗГ „Музички моменти“ како дел од активностите за одбележување на 25-годишниот јубилеј на Здружението и активна работа во афирмација на музичката дејност, со поддршка од Општина Гевгелија во склоп на Програмата за културни активности за 2025 година и манифестацијата „Град на култура за 2025“.











