На самиот југ од Македонија, таму каде што реката Вардар својата приказна ја носи кон границата, Гевгелија, во рамки на програмата „Град на културата 2025“, беше домаќин на еден исклучителен музички настан- целовечерниот концерт на Градскиот мешан хор „Вардар“ од Скопје.
На 26 септември 2025 година, во салата на Народниот театар- Гевгелија, хорот „Вардар“, под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска Каро, изведе програма што ги опфати слоевите на музичката историја и жанровска ширина: духовна музика, традиционални македонски песни, обработки на современи дела и класични композиции.
Публиката, составена од граѓани од општина Гевгелија, имаше можност да ужива во високо професионален настап- со јасна вокална структура, хармонија и емотивна изведба која ја пренесе пораката на уметноста: музиката нема граници.
Крајот на концертот беше проследен со долготрајни аплаузи и искрени реакции од публиката, која со воодушевување ја следеше секоја композиција и не криеше благодарност за иницијативата и можноста да присуствува на настан од ваков калибар.
Концертот е дел од јубилејната турнеја „Од Вардар за Вардар“, организирана по повод 25 години од постоењето на хорот. Турнејата симболично го следи течението на реката Вардар- од Гостивар, преку Велес и Градско, па сега и до Гевгелија, како четврта станица на ова музичко патување низ Македонија.
Следејќи ја најдолгата македонска река, „Од Вардар за Вардар“ претставува симболичен и суштински пример за тоа како културните иницијативи можат да ја збогатат националната културна сцена и да ја поттикнат заедничката духовна и уметничка определба на различни градови.
Гевгелија, како град на културата во 2025 година, уште еднаш потврди дека е подготвена да биде центар на значајни културни настани- отворена за уметници, проекти и публика од цела Македонија.






