Спортската сала „26 Април“ во Гевгелија ќе биде домаќин на претстојните два контролни натпревари помеѓу Футсал репрезентацијата на Македонија и селекцијата на Австрија.
Натпреварите ќе се одиграат на 10 и 11 февруари 2026 година, со почеток од 18:00 часот, а влезот за сите посетители е бесплатен.
Организатор на овие меѓународни дуели е Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), во соработка со Општина Гевгелија. Средбите се дел од подготовките на националниот тим за настап во квалификациите за пласман на Светското првенство.
Селекторот Газменд Хисејини на располагање ќе има 16 репрезентативци, а посебно внимание привлекува фактот што во составот се наоѓа и гевгеличанецот од редовите на КМФ Проект, Бојан Јанев, што е дополнителен мотив за домашната публика.
Македонската футсал репрезентација ќе настапува во Ц групата од квалификациите, заедно со селекциите на Литванија, Турција и Бугарија. Турнирот ќе се одржи во периодот од 6 до 16 април, 2026 година, во Литванија, а пласман во главната рунда ќе обезбедат двете првопласирани екипи.


