Советот на Општина Гевгелија ја одржа својата редовна 8. седница, на која усвои низа значајни одлуки, заклучоци, решенија и информации од клучно значење за граѓаните и локалниот развој.
Во фокусот на донесените одлуки е мерката за субвенционирање на набавка на велосипеди, проширена со поддршка и за електрични тротинети. За реализација на мерката се издвојуваат 500.000 денари од Буџетот на Општина Гевгелија за 2026 година, со што ќе се поддржат 100 апликанти. Субвенциите ќе се доделуваат преку јавен повик, со примена на принципот „прв дојден – прв услужен“, сè до целосно искористување на средствата. По објавувањето на повикот, граѓаните ќе имаат можност да аплицираат за субвенции за велосипеди или електрични тротинети набавени од 1 април 2026 година, при што апликантите ќе треба да ги исполнат утврдените услови од Одлуката и да достават соодветна документација, вклучително фискална сметка или фактура од фирми регистрирани на подрачјето на општина Гевгелија.
Советот донесе и Одлука за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Блоковите 5.3 и 5.6, општина Гевгелија, како и повеќе Одлуки за инфраструктурни проекти со сопствено учество на Општина Гевгелија. Меѓу нив се изградба на парк со детско игралиште на улицата „Коле Неделковски“, изградба на сервисни улици „Павел Шатев“ 2 и „Галилео Галилеј“, поставување опрема за спортско игралиште во село Богородица и уредување плоштад со урбана опрема и хортикултура во село Моин. Донесена е Одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Градско, а прифатена е и донација од „ЛИДЛ Северна Македонија“ ДООЕЛ Скопје.
На седницата беа усвоени повеќе извештаи за 2025 година и програми за 2026 година. Усвоен е Извештајот за реализација на Програмата за заштита на населението од заразни болести, извештаите за работата на градежниот и комуналниот инспектор, инспекторот за животна средина и инспекторот за патен сообраќај, како и Извештајот и Програмата за работа на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за 2026 година. Советот донесе повеќе решенија за разрешување и именување членови во општински тела и комисии, меѓу кои Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди и Локалната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.
Во областа на културата и образованието, Советот даде согласност на Статутарните измени и дополнувања на Статутите на ЈОУ Дом на култура „Македонија“, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ и ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз-Тито“- Гевгелија. Усвоен е и Финансискиот план на донаторската сметка на ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци за 2026 година.
Во делот на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Советот даде согласност на Финансискиот извештај за периодот од 01.01.2025 до 31.12.2025 година, со посебен осврт на периодот од 01.10.2025 до 31.12.2025 година, како и на Годишната сметка за 2025 година, Извештајот за работењето во 2025 година и на Одлуката за распределба на нето добивката за 2025 година.
На седницата беа разгледани и усвоени Извештајот за јавната безбедност во општината за 2025 година и Информациите за состојбата со шумскиот фонд, пошумувањето и експлоатацијата на шумите и работењето на АД за водостопанство на РСМ- Подружница „Јужен Вардар“- Гевгелија.


