Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, селото Негорци и КУД „Негорци“ ќе бидат домаќини на Детските фолклорни смотри под наслов „На сред село…“, кои ќе се одржат на 21 јуни 2025 година (сабота), на летната сцена во дворот на ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци, со почеток во 19:00 часот.
Ќе настапат тринаесет фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од различни краеви на Македонија. Покрај домаќините од КУД „Негорци“, своето учество ќе го земат и фолклорната секција „Богородица“, КУД „Младост“ од Јосифово и КУД „Кирил и Методиј“ од Иловица. Ќе се претстават и КУД „Бранд Петрушев“ од Богданци, како и КУД „Бахар“ од Чалакли, Валандово. Меѓу учесниците се и КУД „Браќа Толеви“ од Прдејци и Фолклорното студио „Етнос“ од Скопје. Програмата ќе биде збогатена и со настапите на ансамблот „Китка“ од Истибања, ансамблот „Тиквеш“ од Кавадарци, како и со гостите од Велес- Ансамблот „Керамичар“. Ќе настапат и „Осоговски извор“ од Оризари и КУД „Глигор Прличев“ од Скопје.
Фолклорната вечер ќе понуди богата и разиграна програма исполнета со традиционални ора, песни и костими, со што се поттикнува меѓугенерациско поврзување и зачувување на нематеријалното културно наследство. Настанот претставува уште една бојадисана нишка во мозаикот на културни случувања со кои Гевгелија го одбележува своето значајно признание како Град на културата за 2025 година.


