Пред почетокот на новата учебна година, во ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија се реализираат повеќе инвестициски вложувања насочени кон подобрување на условите за одвивање на наставата и создавање посовремена и попријатна средина за учениците и наставниот кадар. Во рамки на вложувањата, набавени и монтирани се 23 нови клима-инвертер единици, со кои е опремена секоја училница, со цел да се обезбедат подобри услови за престој и реализација на наставата во текот на целата година.
Дополнително, набавени се 6 нови смарт мултифункционални табли, кои ќе придонесат за современа и поквалитетна реализација на наставниот процес. Во моментот се одвиваат и молерофарбарски работи и прскање на целото училиште, со што се освежуваат и уредуваат училишните простории пред почетокот на учебната година.
Реализираните активности ги посети и градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој заедно со директорот Ѓорге Стамков, на лице место се запозна со текот на работите и вложувањата во Училиштето.
– Продолжуваме со вложувања во образованието и создавање подобри услови за нашите деца. Секое дете заслужува современа и пријатна средина за учење- истакна градоначалникот Сарамандов.
Со овие вложувања се создаваат подобри услови за реализација на наставата и секојдневниот престој на учениците, како дел од континуираните активности за унапредување на образовната инфраструктура во општина Гевгелија.












