Во рамки на активностите за превенција и заштита од пожари во летниот период, Координативното тело за заштита и превенција од пожари на Општина Гевгелија продолжува со реализација на теренските патроли на критични и ризични подрачја, шумски површини и зелени појаси на подрачјето на општината.
Теренските патроли се спроведуваат согласно утврдената динамика, со цел континуирано следење на состојбата на терен, навремено идентификување на потенцијалните ризици и превентивно делување во услови на зголемена опасност од пожари.
Во текот на патролите, претставниците на Координативното тело вршат обиколка и мониторинг на шумските и зелените површини, при што се евидентира и движењето и присуството на граѓани на овие подрачја, со посебно внимание на евентуални активности кои би можеле да предизвикаат пожар. Се следи и состојбата со сувата вегетација, можните жаришта и други потенцијални опасности.
Активностите ќе продолжат и во наредниот период, со цел континуирано присуство на терен, навремено воочување на ризиците и преземање превентивни мерки за заштита на шумските и зелените површини, населението и имотот во текот на летната сезона.






