Во рамки на активностите на Општина Гевгелија за уредување и модернизација на јавните простори, целосно е реконструирано детското катче на Градскиот плоштад, со што градот доби уште едно безбедно, современо и функционално место за забава и рекреација на најмладите.
Реконструкцијата опфати целосна замена на дотраените реквизити, кои беа заменети со нови, модерни и ергономски дизајнирани елементи за детска игра. Дополнително, за зголемена безбедност и комфорност при користење, поставена е и специјализирана подлога отпорна на лизгање и удари.
Новото уредување не само што ги исполнува стандардите за безбедност, туку со својот современ дизајн, боја и функционалност создава стимулативна и пријатна средина која поттикнува креативност и игра кај децата.
– Ова игралиште претставува дел од нашите континуирани напори за создавање на квалитетни, безбедни и инспиративни јавни простори за нашите деца.Во наредниот период, преку Проектот за изградба и ревитализација на спортската и детска инфраструктура, ќе бидат опфатени повеќе детски игралишта и спортски терени во градот и населените места- истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.

















