Во населеното место Негорци започна реализацијата на Проектот за изградба на нов модерен парк со детско катче, на површина од 2.000 м², при што градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид во тековните подготвителни активности.
Градоначалникот, по направениот увид, информираше дека во моментот се изведуваат градежни работи за поставување на подземна електроинсталација и хидрантска мрежа, кои претставуваат предуслов за понатамошна реализација на проектот.
Согласно проектната документација, паркот ќе содржи современо детско катче, пешачки патеки изведени од павер елементи, урбана опрема за одмор и рекреација, модерно осветлување, како и хортикултурно уредување со систем за наводнување.
Со реализацијата на овој проект, Негорци ќе добие нов уреден јавен простор, наменет за одмор, рекреација и дружење на сите генерации, како дел од заложбите на Општина Гевгелија за континуирано подобрување на условите за живот на граѓаните.


























