Од 16 до 18 септември 2026 година, во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија, се одржа тридневна обука во рамките на проектот „Balkan alternative mobility routes for sustainable all-season tourism“- BalkanVelo, насочена кон унапредување на знаењата и вештините за управување со туризмот, развој на нови туристички форми и примена на алтернативна и одржлива мобилност.
Во текот на обуката, учесниците се запознаа со пристапи и можности за развој на одржливи туристички производи, подобро искористување на природното и културното наследство, локалните традиции и туристичките услуги. Посебно внимание беше посветено на квалитетот на услугата, комуникацијата со посетителите и безбедноста на туристите, како важни елементи за создавање конкурентна туристичка понуда.
Во рамките на обуката беше реализирана и теренска посета на селото Серменин, каде што учесниците имаа можност непосредно да се запознаат со активностите што се реализираат преку проектот BalkanVelo. Во Серменин е предвидена реконструкција на старото училиште, кое ќе биде пренаменето во мултимедијален туристички центар, како и изградба на велосипедска патека, со што ова рурално подрачје ќе добие нова туристичка содржина.
Активностите во Серменин се дел од пошироките напори за развој на алтернативни и одржливи форми на туризам во Општина Гевгелија, со поврзување на природните и културните потенцијали со нови туристички содржини и можности за активен престој на посетителите во текот на целата година.
Проектот BalkanVelo се реализира во рамките на Interreg VI-A IPA Програмата за прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија 2021–2027, со Општина Гевгелија како проектен партнер и Општина Разлог од Република Бугарија како водечки партнер.







