Во Домот на културата- Миравци, на 5 декември 2025 година, се одржа Свечената академија посветена на 100-годишнината од основањето на ООУ „Климент Охридски“- Миравци. Настанот, кој се одвиваше под мотото: „Век, светлина, знаење…“, со својата содржина, симболика и емоција претставуваше вистински празник на образованието и културата во заедницата, а воедно беше и дел од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Свеченоста ја проследија голем број присутни: ученици, родители, поранешни и сегашни наставници, пензионирани колеги, претставници на Локалната самоуправа, и Советот на Општина Гевгелија и жители на Миравци, кои со своето присуство ја возвишија важноста на овој јубилеен настан.
Свеченоста ја отвори директорката Каролина Димитрова со свое поздравно обраќање, во кое со гордост истакна дека Училиштето е жив сведок на еден цел век труд, знаење и љубов кон образованието. Таа ги поздрави присутните гости, актуелни и поранешни ученици, родители, наставници и пензионирани вработени, нагласувајќи дека училиштето е повеќе од градба- тоа е дух што живее низ генерациите. Меѓу другото, Димитрова истакна дека силата на ООУ „Климент Охридски“ отсекогаш била во неговите луѓе- наставниците кои со чест ја извршувале својата професија и учениците кои ја носеле светлината на знаењето напред низ времето.
По срдечниот поздрав, присутните имаа можност да ја проследат премиерната изведба на новата химна на Училиштето, подготвена од наставникот по Музичко образование, Момчило Делев, специјално за големиот јубилеј. Следеше богата сценска содржина, внимателно подготвена од учениците и наставниците, која ја претстави историјата, традицијата и современиот дух на Училиштето.
Деветтоодделенците се претставија со рецитал посветен на Свети Климент Охридски, а потоа публиката беше воведена во литературниот свет преку извадок од романот „Калеш Ана“, исто така во изведба на учениците од деветто одделение. Осмоодделенците ја доловија драмската атмосфера преку извадок од „Печалбари“, по што учениците од седмо одделение го претставија омилениот детски роман „Волшебното самарче“.
Сцената продолжи да живее преку рецитирањето на учениците од шесто одделение, како и преку одлично подготвеното модерно танцовo играње кое внесе младешка енергија и динамика во вечерта. Особено впечатлива беше точката „Сплет од генерации“, изведена од играорната група, која ја симболизираше поврзаноста помеѓу минатото и иднината на Училиштето. Настанот кулминираше со настапот на Училишниот хор и оркестар, како и со музичкиот сплет изведен од ученици од различни генерации- силна и емотивна завршница која ги отслика срцето и душата на јубилејот.
Свеченото одбележување на 100-годишнината претставуваше момент на заедничка радост, гордост и благодарност за улогата на ООУ „Климент Охридски“ во образовниот и културниот развој на Миравци. Настанот уште еднаш потврди дека ова училиште е темел, традиција и иднина на заедницата, место каде што духот на Свети Климент продолжува да живее веќе еден век.
































