Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 12 ноември во Народниот театар- Гевгелија се одржа концертот „Од класицизам до македонизам“ на квартетот „Стрингендо“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.
Публиката уживаше во програма која започна со бисери на класичната музика како „London Trio No.1“ од Joseph Haydn, „Eine Kleine Nachtmusik“ (I. став) од W. A. Mozart, „Canon in D Major“ од Johann Pachelbel и „Spring“ (кратка верзија) од Antonio Vivaldi. Концертот продолжи со низа македонски теми во аранжман на Драган Јордановски, меѓу кои беа изведени:„Македонско девојче“, „Донка“, „Бор садила“, „Марика“, „Јовано Јованке“ и „Пајдушко оро“.
Низ оваа програма, звуците на класицизмот и македонскиот мелос се споија во хармонична целина што ја истакна уметничката зрелост и чувствителност на изведувачите. Квартетот „Стрингендо“, составен од Љубица Делева Поповска- виолина, Олгица Шундиќ- виолина, Љупка Каевиќ- виолончело и Наташа Лазаревска- обоа, создаде атмосфера на топлина, прецизност и духовен мир, пренесувајќи ја енергијата на класичната музика и македонската песна на совршено избалансиран начин.
Концертот ја нагласи целта на ансамблот- афирмација на македонската музика и културен идентитет, но и негување на класицизмот како темел на инструменталната уметност. Со својот репертоар и оригинален пристап, квартетот „Стрингендо“ уште еднаш потврди дека е еден од најрепрезентативните камерни состави на домашната музичка сцена.
Концертната вечер заврши со искрени аплаузи и благодарност од публиката за уметниците кои преку својата музика ја споија класиката и македонскиот дух во едно вистинско музичко патување. Преку синергијата на класиката и македонскиот мелос, концертот придонесе за збогатување на културната понуда и зацврстување на културниот идентитет на заедницата.












