На 12 јуни 2025 година, во преполната сала на Народниот театар- Гевгелија, Средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“ свечено го одбележа завршетокот на учебната 2024/2025 година со традиционалната вечер под наслов „Од најдобрите за најдобрите“. Преку богатата културно-уметничка програма, под менторство на професорите: Кире Арнаудов, Кристина Пренда, Емилија Дуганова, Мирјана Чамџиќ и Тони Аврамов, учениците уште еднаш ја покажаа својата креативност, талент и посветеност, кои се одлика на училиштето. Програмата беше збогатена со музички, драмски и сценски изведби што ги воодушевија присутните и уште еднаш го потврди талентот на учениците коишто на површина го избиваат во соработка со нивните ментори.
Во свечениот дел од програмата, директорот на Училиштето, Александар Делиџаков, им врачи пофалници на учениците кои постигнале извонредни резултати и кои со својот труд и ангажман дале значаен придонес во афирмацијата на училиштето, како на локално, така и на државно ниво. Исто така, на манифестацијата беше доделена и титулата „Ученик на генерацијата“, која ѝ припадна на Ивана Грујиќ- ученичка која во текот на изминатите четири години се истакна како пример за одговорност, иницијативност и активна вклученост во сите сегменти на ученичкиот живот.
Завршниот настан се реализираше во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, како потврда за важноста на младите и образованието во градењето на градењето на една посветена и културна заедница.















