ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија успешно ги заврши своите Годишни концерти на Музичкиот и Балетскиот оддел. Концертите претставуваа завршна презентација на сè што учениците научиле и постигнале во текот на учебната 2024 / 2025 година, а воедно и можност за јавно претставување на нивната љубов и посветеност кон музиката и танцот.
Концертот на Музичкиот оддел се одржа на 22 мај 2025 година, во хотел „Аполонија“, каде настапија сите ученици кои се образуваат во класите на наставниците по пијано, флејта, кларинет и виолина. Програмата беше богата и разновидна, со изведба на класични и музички дела.
Годишниот концерт на Балетскиот оддел со претстава што се одржа на 23 мај 2025 година, во Народниот театар“- Гевгелија, имаше свечен карактер поради одбележувањето на 30-годишниот јубилеј од балетското образование во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија. Преку кореографии инспирирани од класични и современи балетски дела, младите балерини под менторство на Виолета Чокова уште еднаш ја потврдија важноста на балетското образование како дел од културното обликување на младите генерации во Гевгелија.
И двата настани, коишто беа посетени од голем број граѓани, беа дел од програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. ООМУ „Васо Карајанов“ уште еднаш ја потврди својата важна улога во културно-образовниот живот на Гевгелија, како расадник на талентирани млади уметници и чувар на уметничките вредности.















