Во уметничката галерија „Амам“ при Националниот музеј- Гевгелија, вчера (22 април), беше отворена изложбата „Визии- Глава полна со луѓе“ на доајенот на македонското сликарство, Родољуб Анастасов. Беа претставени 43 цртежа со 210 портрети во мал формат, работени во техника молив и молив во боја на хартија, во мали формати, како и 4 слики на платно во техника масло. На отворањето, обраќање имаше директорот на НУ Музеј- Гевгелија, Саша Јованов, а за творештвото на Анастасов зборуваше Јасминка Намичева, автор на неформалната мрежа на музеи „МузеумЛинк“.
– Цртежите со по два, три, четири, пет или шест портрети во еден цртеж, како целина добиваат смисла на фриз од ликови на личностите кои на различни начини и со различни улоги станале дел од животот на авторот. Тие влегле во неговата меморија заедно со искуствата што тој со нив ги имал, со сите други искуства од непосредниот живот или посредно од уметностите и од мудростите, од образованието и медиумите, од историските наративи или од политичко-идеолошките сфери, станувајќи постојани жители и содржини во неговиот ментален свет- истакна Намичева.
Изложбата во Гевгелија е соработка помеѓу НУ Музеј- Гевгелија, Здружението „Архифакт“ и неформалната мрежа на музеи „МузеумЛинк“ од Скопје и е дел од манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.






