Н.Е. амбасадорот на Швајцарија во Македонија, Кристоф Сомер, беше во посета на Општина Гевгелија, каде што оствари работна средба со градоначалникот Андон Сарамандов. Во рамките на посетата, амбасадорот Сомер беше придружуван од извршниот директор на „Пакомак“, проф. Филип Ивановски. На работната средба беа разгледани повеќе теми поврзани со локалниот развој, меѓу кои и можностите за вклучување на Општина Гевгелија во нови иницијативи поддржани од Амбасадата на Швајцарија.
Во рамките на посетата, беше посетен и стопански објект каде што од неодамна функционира паметен систем за управување со отпад, а поставена е и вендинг машина за рециклирање на отпад. Овие решенија се насочени кон унапредување на селекцијата и рециклирањето на отпадот и создавање поголема свест за одговорното постапување со отпадот.
Градоначалникот Сарамандов ја истакна досегашната поддршка од Швајцарија и значењето на соработката во реализацијата на проекти од областа на заштитата на животната средина.
– Швајцарија е секогаш наш добар пријател. Преку заедничките вложувања во изминатите години успеавме да решиме значајни прашања во делот на заштитата на животната средина. Верувам дека поддршката од Швајцарија кон Општина Гевгелија ќе продолжи и во иднина и заедно ќе реализираме уште значајни проекти за Гевгелија. Со вакви проекти, со поддршка од меѓународните институции и со поголема свест кај граѓаните, можеме уште повеќе да придонесеме за средината во која живееме.
















