Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошкоски, министерот за правда, Игор Филков и претставникот на УНХЦР во Македонија, Габриел Гулијано де Годој, беа во посета на Транзитно-прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија. При посетата, делегацијата беше запозната со моменталната состојба, а по тој повод се одржа и состанок во присуство на претставници на надлежните институции, на којшто се разговараше за проблемите со коишто се соочува Центарот, како и за начинот на кој се врши прифаќањето и регистрирањето мигранти, но збор стана и за итно решавање на правниот статус на привремениот прифатен центар.
Според соопштението од IOM (Mеѓународната организација за мигранти), во Прифатниот транзинтен центар „Винојуг“, бројот на мигранти коишто присуствуваат е 11, а од нив поголем дел се од Сирија.
Притоа, беше констатирано дека за разлика од состојбата со мигрантската криза во 2015, денес состојбата е стабилна и не предизвикува проблеми од аспект на нормално и безбедно функционирање во општина Гевгелија.