На 16 јуни 2025 година, во Народниот театар- Гевгелија, Ансамблот за традиционални игри и песни „Бојмија“- Гевгелија го одржа својот трет и последен концерт од сезоната. На сцената настапија членовите во првиот состав и ветеранската група, со изведби што уште еднаш покажаа дека фолклорот во Гевгелија живее со полн здив.
Публиката беше сведок на богата програма со репрертоар на кореографии со љубовни и празнични теми, кои на сцената донесоа надигрување помеѓу машки и женски групи. Концертот беше дополнет и со соло и групни вокални интерпретации на традиционални песни кои допреа до срцата на присутните.
Еден од највпечатливите моменти што го одбележа крајот на Концертот, беше изведбата на кореографијата „Врање“ по неколкугодишна пауза, што ја донесе атмосферата на јужниот балкански простор со автентичен израз, ритам и носии, но и нови драмски елементи вметнати помеѓу кореографиjата.
Ансамблот „Бојмија“ со својот континуиран труд и посветеност уште еднаш докажа дека е вистински чувар на локалното културно наследство, кој успешно ја пренесува љубовта кон традицијата на новите генерации и ја одржува врската жива со народните корени.























