Градскиот мешан хор „Гортинија“ од Гевгелија го освои првото место во категоријата А1- Мешани камерни хорови на 8. издание на Меѓународниот фестивал на камерни хорови „Астибо-Фест 2025“, што се одржа на 3 и 4 октомври 2025 година во Штип, во организација на НУЦК „Ацо Шопов“- Штип.
Настапот на „Гортинија“ на втората фестивалска вечер беше оценет како еден од највпечатливите. Под уметничко водство и посветеност на диригентот. м-р Илија Атанасов, хорот се претстави со внимателно одбран репертоар, комбинирајќи традиционални и современи композиции, со што ја демонстрира својата вокална зрелост, интерпретативна моќ и висок професионализам. Стручното жири едногласно ја додели највисоката награда во категоријата А1 на „Гортинија“, препознавајќи го нивниот исклучителен придонес во промовирањето на хорската култура и меѓународната соработка во областа на музичката уметност.
Со ова признание, Градскиот мешан хор „Гортинија“ уште еднаш го потврди својот квалитет и значењето што го има на хорската сцена во земјата и пошироко. Успехот претставува и голема потврда за континуираната работа, ентузијазмот и љубовта кон музиката што ги обединува членовите на хорот.
Фестивалот „Астибо-Фест“ претставува еден од најзначајните хорски настани во регионот, кој веќе осум години по ред ја негува традицијата на хорското музицирање и ги обединува најдобрите вокални ансамбли од Македонија и соседните земји. Годинава, на фестивалската сцена настапија хорови и вокални состави од Македонија, Србија и Бугарија, меѓу кои: Детскиот хор „Родна песен“ од Перник – Р. Бугарија, Академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје, Mашкиот вокален состав „Канон“ од Крагуевац – Р. Србија, Интернационалниот хор „Singers United“ од Белград – Р. Србија, како и домаќинот – Градскиот камерен хор „Астибо“ од Штип.






