Гевгелија ја започна августовската програма за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ со настан кој долго ќе остане во сеќавање. На 7 август, под топлото летно небо и пред преполн Градски плоштад, настапи групата која е повеќе од музички состав- „Зијан“, вечниот белег и гордост на гевгелиската музичка сцена.
Уште пред концертот да започне, плоштадот беше жив: луѓе од сите возрасти, семејства со деца, млади со рок-дух и постари генерации кои пораснале со звуците на „Зијан“, со нетрпение го чекаа првиот акорд. Сите ги обединуваше едно- љубовта кон музиката и желбата да ја споделат оваа вечер, знаејќи дека ги очекува настапот на својот омилен бенд и моменти што ќе останат врежани во нивните сеќавања.
Енергичниот рок-звук, мајсторската изведба и силната емоција што ја внесуваше секој член на бендот- Ангел Динев, Костадин Динев, Ацо Митров, Кирил Зарлинов и Антонио Какров, ја претворија ноќта во вистински музички празник. Сет-листата беше спој на енергија и носталгија: „Тивка вода“, „Елизабет“, „Каде сте, ангели“, „Пријателе“, „Обична песна“, „Без тебе“, „Кате сваќе“, „Деца бевме“, „Еј, остани“. Секој рефрен беше испеан во еден глас, како заедничка приказна што трае со години.
Кулминацијата дојде со „Пушти коси“- песна за крај на концертот која одамна ја надмина рамката на локален хит и стана дел од националното музичко богатство. Но, тука публиката не замолкна. Напротив, аплаузите и барањето за уште една изведба ја разнесоа вечерната тишина, терајќи ги членовите на бендот повторно да се вратат на сцената. Настанот беше повеќе од концерт- беше потсетник дека „Зијан“ не е само бенд, туку дел од идентитетот на Гевгелија. Со својата долгогодишна историја, тие се музички хроничари на градот, пренесувајќи го духот на едно време и оставајќи трага во секоја нова генерација.
Со оваа вечер, Општина Гевгелија уште еднаш покажа дека титулата „град на културата“ ја носи со полна одговорност- поддржувајќи ја локалната уметничка сцена и нудејќи им на граѓаните настани кои се спој на квалитет, традиција и емоција. „Зијан“ уште еднаш докажа дека вистинските музички белези не избледуваат- тие стануваат дел од колективната меморија на градот.













