Во работна посета на Општина Гевгелија престојуваше директорот на Бирото за регионален развој, Амет Имери. При посетата, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари работна средба на која се разговараше за тековните активности и напредокот на проектите, како и за подготовката на нови иницијативи од значење за понатамошниот развој на Гевгелија. Посебен акцент беше ставен на инвестициите во инфраструктурата како клучен предуслов за подобрување на условите за живот.
На средбата присуствуваше и директорот на Центарот за развој на Југоисточен Плански Регион, Јован Коцев, по што заедно со Имери и претставник од општинската администрација извршија теренски увид во објектот на ДТВ „Партизан“. Овој објект е предмет на реконструкција што се реализираше во соработка со Бирото за регионален развој, со цел негово модернизирање и ставање во функција за потребите на граѓаните, особено на младите.
Градоначалникот Сарамандов ја истакна важноста на континуираната соработка со Бирото за регионален развој, потенцирајќи дека во изминатите четири години Општина Гевгелија активно и успешно аплицирала на јавните повици за финансирање проекти. Како резултат на таа посветеност, реализирани се вкупно 11 проекти.
– Како локална самоуправа, остануваме посветени на изработка и активно аплицирање со квалитетни проекти, со цел обезбедување средства и ефикасна реализација во проекти од значење за граѓаните на општина Гевгелија- рече Сарамандов.








