На 25 септември 2025 година, Амамот блесна во културниот настан кога се отвори изложбата „Реконфигурација“ на вонредниот професор д-р Слободан Милошески. Во организација на Домот на култура „Македонија“- Гевгелија заедно со НУ Музеј- Гевгелија, публиката беше воведена во свет на скулптури што ги поместуваат границите на перцепцијата и го предизвикуваат секој сетилен впечаток.
Изложбата за отворена ја прогласија м-р Мирјана Крстева Массетти, директорка на Домот на култура „Македонија“- Гевгелија и Александар Каракабаков, кустос-историчар на уметност во НУ Музеј- Гевгелија. Во своите обраќања тие ја истакнаа важноста на изложбата како дел од континуираниот напор да се збогати визуелната културна понуда во општината, но и како потврда за значајното место на уметникот Милошески во современиот македонски скулпторски израз.
„Реконфигурација“ не се само скулптури – тоа е експлозија на светлина, простор и огледала кои одразуваат не само околината, туку и нашата внатрешна стварност. Иноксот со својот студен сјај и полирана површина создава илузија на бескрајност, а флуидните форми како да се движат во воздухот, ги повикуваат посетителите да влезат во дијалог со делото и со самите себе.
Проф. д-р Џемил Бектовиќ во својот осврт ја опишува изложбата како „мост меѓу стварноста и перцепцијата, каде секој светлосен фрагмент го препознава својот приказ и ја буди меморијата, создавајќи простор за интроспекција и саморефлексија“. Во оваа игра на светлина и сенки, уметноста оживува и станува посредник меѓу видливото и невидливото, меѓу форма и смисла.
Посетителите беа воодушевени од можноста да го почувствуваат и доживеат делото како живо искуство- да се движат, да се огледуваат, да го препознаат делот од себеси што се огледа во „Реконфигурација“. Оваа изложба ги отвора сетилата за нови доживувања и поттикнува на преиспитување на идентитетот и просторот околу нас.












