Богата културно-уметничка програма подготвија учениците со своите наставници за одбележување на Патрониот празник на ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци. Од хорски и оркестарски изведби под менторство на наставникот Горан Лазаров, поставка на драмата „Печалбари“ под менторство на наставничката Жаклина Линкова, па сè до модна ревија на фустани, рачно изработени и насликани од учениците под менторство на наставничката Анамарија Митриќеска- Кaл’чева, имаа можност голем број присутни да уживаат во подготвеното по повод Патронот на Училиштето. А, овациите ги искажаа со громогласен аплауз.
Во своето обраќање пред почетокот на културно-уметничката програма, директорот на ООУ „Ристо Шуклев“, Елена Крстевска, честитајќи го Патрониот празник истакна:
– Некои се гласни, некои тивки, но упорни во постигнување на својата цел. Тоа се нашите ученици при ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци. Сите заеднички се движиме и ја градиме нашата визија кон создавање модерно училиште, во коешто ученикот и нивните потреби ќе бидат во центарот преку интерактивна соработка меѓу учениците, наставниците и родителите. Денес, славиме и одбележуваме уште една годишнина на нашиот борец и деец, Ристо Шуклев, чие име со гордост го носи нашето училиште. Денес, славиме, го вознесуваме името на визионерот, пееме за нашиот патрон, нашиот сограѓанин- Ристо Шуклев. Нека ни е честит и вековит Патрониот празник.
Претходно, во чест на Ристо Шуклев, учениците со нивните наставници положија цвеќе пред неговата биста во Училиштето и неговиот споменик во центарот на Негорци, а се одржаа и спортски активности во футсал помеѓу општинските училишта.