Над 150 дечиња, со дефиле почнувајќи од ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“ до Градскиот плоштад и Стариот градски пазар во Гевгелија, на 11 април 2025 година, пред одржувањето на Концертот на Националниот џез оркестар, го означија почетокот на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Децата, членови во културните активности што се одвиваат во Пионерски дом- Драмската секција, Ликовната секција, Секцијата за тапан и гитара, Фолклорниот ансамбл „Бојмија“, Танцовото студио „Мистик“ и Детскиот музички фестивал „Калинка“, низ гевгелиските улици движеа гордо, најавувајќи дека нивниот роден град ќе биде епицентар на културните настани во 2025 година.
Маскирани во пантомимичари, облечени во народни носии и маички со заштитниот знак на „Калинка“, носеа транспаренти со натписи: „Културата нè обединува“, „Поддржете ги уметниците“, „Фолклорот се чува со негување“, „Повелете во Музеј“, „Посетете театарска претстава“, „Срце плус имагинација плус разум е еднакво на раѓање на култура“, „На актерите им треба аплауз“ и знаменца со заштитниот знак на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ и грбот на Општина Гевгелија, повикувајќи ги своите сограѓани да ги проследат настаните и активности од сите области на културата.


























